Како започна да се слави Нова Година?
36, Skopje, Macedonia

Реченицата “Среќна Нова Година” ќе ја изговориме и ќе ја слушнеме многу пати во првите недели од 2012… А дали некогаш сте се запрашале како и кога започнала да се слави Новата година?

Нова година се слави во сите краеви на светот. Антрополозите сметаат дека први почнале да ја одбележуваат древните Вавилонци пред околу 4.000 години. Тие го славеле повторното раѓање на сѐ во природата и било сосема логично што годината им почнувала во пролет, кога природата се буди. Се смета дека Вавилонците го славеле доаѓањето на Новата година дури 11 дена.

И старите Египќани исто така го прославувале доаѓањето на Новата година. На почетокот тоа било кон крајот на септември, во време кога Нил го поплавувал својот брег. Тоа за Египќаните било најважен ден во годината, кој означувал расцветување на растителниот свет.

Во стариот Рим Новата година со векови се славела на почетокот на пролетта. Веселбите и гозбите траеле и по пет дена. Новата година започнала да се слави на 1 јануари дури кога Јулиј Цезар го прогласил овој ден како календарски почеток на Новата година. Инаку првиот месец-јануари го добил името по римскиот бог Јанус, кој има две глави – со едната гледа наназад во годината што си оди, а со другата напред кон годината што доаѓа.

Во вековите што следеле луѓето продолжиле да го слават доаѓањето на Новата година. Денес 1 јануари е прифатен за почеток на Новата година, но многу народи низ светот традиционално го прославуваат овој празник на различни датуми, така Кина почетокот на годината го прославува во време на младата Месечина. Според движењето на Месечината почетокот на годината го сметаат и Јапонците, Индијците, Виетнамците и уште некои други народи, а останатите го сметаат според Грегоријанскиот календар, меѓу 31 декември и 1 јануари.

Во Европа пречекот на Новата година не може да помине без огномет, музика, размена на подароци, но и красење на елката. Се верува дека први во украсување на божиќното дрвце биле Германците во 16-ти век, според преданијата, традицијата ја започнал верскиот реформатор Мартин Лутер. Два века подоцна красењето на елката станало популарно во Европа и Америка.

Новата година насекаде се дочекува со бука, гласна музика, огномет, наздравување… и ова има антрополошко објаснување, тоа се прави со цел да се избркаат лошите духови. Одлуките од типот – од следната година ќе ги оставам цигарите, ќе завршам факултет, ќе најдам нова работа, ќе се заљубам… потекнуваат од вавилонскиот период, кога пред почетокот на новата година се враќале сите позајмени средства за работа.

Како и да е најлудата и највеселата ноќ се слави на сите континенти, но се разбира постојат различни обичаи. Заедничка карактеристика насекаде е радоста и надежта дека новата година ќе биде подобра.

Во Јапонија Новата година ја одбележуваат од 1 до 3 јануари, а ја нарекуваат “ганџицу”. Меѓу Јапонците владее верување дека целата година ќе им биде таква каква што им била во првите денови од Новата година. Според обичаите на влезната врата се закачува “шименава” (свето јаже) кое спречува во куќата да влезат лоши духови. Вратите се украсуваат со листови од папрат или зимзелени гранчиња. И украсите и јадењето традиционално се бираат внимателно бидејќи симболизираат радост, среќа и благосостојба. На полноќ пред Нова година ѕвоната во будистичките храмови се огласуваат 108 пати, што ги симболизира 108-те можни гревови на човекот.

Кинезите слават ”Јуан тан”, нивната Нова година е празник кој вообичаено е меѓу 21 јануари и 20 февруари и трае цел еден месец. Пред да започне славењето се чисти куќата, првиот ден им се оддава почит на претците, а потоа и на боговите. Се облекува нова облека и се оди на гости кај пријателите, роднините и соседите со цел да им се посака сѐ најдобро. На улиците се одржуваат паради на кои учествуваат илјадници луѓе, а главно обележје се лавовите и змејовите од хартија, кои симболизираат долговечност и богатство. Вториот ден омажените девојки се враќаат во куќата на своите родители и им носат подароци. Третиот ден, според верувањето е ден кога глувците ги мажат своите ќерки, таа вечер луѓето порано легнуваат да спијат, за да не им пречат. Во Кина за Нова година се јадат мекици во вид на грутка коишто симболизира грутка злато и богатство. Кинезите 2012 ќе ја пречекаат на 23 јануари, кога ќе почне годината на Змејот.

Египќаните Нова година ја слават како национален празник. Тогаш се чека да излезе младата месечина за официјално да се објави доаѓањето на Новата година. Набљудувањето на месечината се врши во Мухамед Али џамијата која се наоѓа на врв на ридот над Каиро. Пораката се проследува до големиот муфтија и тој го прогласува доаѓањето на Новата година. Насобраните луѓе потоа одат дома да им ја пренесат веста на домашните. Сите се свечено облечени, на децата им се делат колачиња.

Еврејската Нова година или “Рош Хашана” е духовен празник со кој се одбележува годишнина од создавањето на светот и се слави десет дена. Се минува во молитва и покајание бидејќи се верува дека на овој ден се носи прeсуда за сите дела кои се направени. На новогодишната трпеза се наоѓаат само риба и слатки јадења кои ознaчуваат плодност, долговечност и богатство.

Во Индија дочекот на Новата година се вика “дивали”. Се слави четири дена кон крајот на октомври или почетокот на ноември и секој град и село се украсени со сјајни светликави украси, се украсуваат дури и животните.

Во Шпанија во секој поголем град има прослава на отворено, а најголема е прославата во Мадрид со голем огномет на полноќ. Во Шпанија Новата година се дочекува со јадење на зрна грозје за секое отчукување на часовникот (вкупно 12).

Жителите на Данска Новата година ја прославуваат со кршење на чинии и други садови кои ги собираат цела година за таа намена. Во новогодишната ноќ одат по куќите на своите пријатели и оставаат од скршените садови, тие ги симболизираат пријателите.

Во Шкотска се посетуваат соседите и си разменуваат честитки. Како знак на пријателство се носи парче леб или јаглен. Се верува дека годината ќе биде особено среќна ако во куќата прво влезе згоден и црнокос маж.

Холанѓаните на улица палат оган и прават огномет, бидејќи сметаат дека оганот носи радост и среќа. Холанѓаните ја дочекуваат Новата година јадејќи крофни.

Норвежаните за новогодишната ноќ готват пудинг од ориз во кој ставаат еден бадем. Оној што ќе го пронајде бадемот ќе биде среќен.

Во Бразил во новогодишната ноќ сите се облекуваат во бело, оваа боја симболизира среќа, мир и благосостојба.

Италијанците имаат интересна новогодишна традиција, тие ги фрлаат низ прозорец сите стари предмети кои не им се потребни. Старите Римјани за Нова година си подарувале ореви, урми, смокви и тркалезни колачиња. Италијанците за Нова година јадат леќа или грашок чии зрна симболизираат богатство.

Во Виетнам Новата година се дочекува кон крајот на јануари. Тогаш се јаде еден вид крап за кој се смета дека на својот грб носи богатство и среќа.

Во Куба за Нова година обичај е да се изедат 12 грејпфрути, за секој месец од новата година по еден.

Австралија Новата година ја дочекува со сонце и без снег. Повеќе од милион туристи и локалните жители уживаат во топлата новогодишна ноќ гледајќи го онометот, кој велат дека може да се види на оддалеченост од 16 километри.

Во Германија постои обичај растопено олово да се фрли во ладна вода. Според обликот на фигурите кои ќе се оформат се гледа каква ќе биде Новата година. Така прстен значи брак, брод патување…

И во Франција се јаде зрнеста храна за во новата година да има многу пари. Франција е првата земја во Европа која почнала да го прославува пречекот на Новата година во 1563 година.

2 skatījumu
 
komentāri

Pašlaik nav neviena komentāra
Atstāj komentāru, un uzsāc diskusiju!

Blogs
Blogi tiek atjaunināti katras 5 minūtes